Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало и индексот на трошоците на
животот во ноември 2012, во однос на претходниот месец, изнесува 100.0.
Индексот на трошоците на животот е на ниво од претходниот месец, но сепак, во одредени групи на производи
и услуги се забележани одделни движења на цените.
Зголемување на цените е забележано кај месото, млекото и кондиторските производи за 1.5%, јајцата за
1.2%, преработките од месо за 0.9%, тестенините и преработеното овошје за 0.6%, сушеното овошје за 0.5%,
преработките од зеленчук, рибата и преработките од млеко за 0.3%.
Во ноември, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај обувките за 3.9%, течните горива
и гасот за домаќинствата за 1.9%, облеката за 0.9%, садовите и приборот за домаќинство и козметичките
производи за 0.5%, услугите за сместување за 0.4% и средствата за хигиена за 0.3%.
Намалување на индексот на трошоците на животот во ноември 2012 година, во споредба со претходниот месец
е забележано кај овошјето за 4.7%, зеленчукот за 4.6% и мастите за 2.1%.
Во ноември, намалување на индексот на трошоците на животот, исто така, е забележано и кај нафтените
деривати за 1.5%, мебелот за 0.8% и безалкохолните пијалаци за 0.3%.
Индексот на цените на мало во ноември 2012 година, во споредба со ноември 2011 година, бележи пораст од
3.8%, а индексот на трошоците на животот бележи пораст од 4.6%.