Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало во ноември 2011 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.4, а индексот на трошоците на животот 100.6.
Порастот на трошоците на животот од 0.6% е резултат на повисоките индекси на зеленчукот за 22.5%, месото за 1.7%, преработките од риба за 0.6%, млечните производи за 0.4%, свежото млеко, кондиторските производи и алкохолните пијалаци за 0.2%.
Во ноември 2011, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај централното греење за 8.3%, услугите за сместување за 2.8%, предметите за домаќинството 1.8%, обувките за 1.4%, облеката за 1.0%, средствата за образование за 0.6%, електричните апарати за домаќинството за 0.5%, течните горива и гасот и храната во ресторани и хотели за 0.4%, козметичките производи за 0.3% и деловите за сообраќајните средства за 0.2%.
Намалување на индексот на трошоците на животот во ноември 2011 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај мастите за 4.5%, овошјето за 3.8%, сувото овошје за 0.7%, преработениот зеленчук за 0.4%, рибата за 0.3%, производите од жито и јајцата за 0.1%.
Исто така, намалување на индексот на трошоците на животот е забележано и кај услугите за образование за 3.1%, телекомуникациските услуги за 1.5%, нафтените деривати за 1.3%, материјалите за одржување на станот за 0.7%, превозот на патници за 0.2%, мебелот и средствата за хигиена за 0.1%.
Индексот на цените на мало во ноември 2011 година, во споредба со ноември 2010 година, бележи пораст од 3.8%, а трошоците на животот бележат пораст од 3.5%.