Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало во октомври 2011 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.2, а индексот на трошоците на животот 100.3.
Порастот на трошоците на животот од 0.3% е резултат на повисоките индекси на зеленчукот за 5.2%, овошјето за 2.2%, млечните производи за 0.8%, сувото овошје и преработките од риба за 0.5%, производите од жито, месото и свежото и киселото млеко за 0.2%.
Во октомври 2011, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај течните горива и гасот за 3.2%, обувките за 1.5%, нафтените деривати за 1.3%, облеката за 0.8%, услугите за образование за 0.4%, предметите за домаќинството и храната во ресторани и хотели за 0.3% и услугите за сместување за 0.2%.
Намалување на индексот на трошоците на животот во октомври 2011 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај преработките од месо и јајцата за 0.7% и рибата за 0.3%.
Исто така, намалување на индексот на трошоците на животот е забележано и кај туристичките аранжмани за 5.1%, услугите за одржување на станот за 2.5%, средствата за образование за 0.7%, цврстите горива и садовите и приборот за домаќинствата за 0.6%, останатите услуги неспомнати на друго место за 0.5% и средствата за хигиена за 0.4%.
Индексот на цените на мало во октомври 2011 година, во споредба со октомври 2010 година, бележи пораст од 3.8%, а трошоците на животот бележат пораст од 3.3%.