Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало во ноември 2013 година, во однос на претходниот месец, изнесува 99.8, а индексот на трошоците на животот 99.9.
Намалувањето на индексот на трошоците на животот од 0.1% во ноември 2013 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на овошјето за 7.8%, мастите за 1.6%, јајцата за 1.5% и рибата за 1.3%.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 11.0%, услугите за сместување за 1.9%, нафтените деривати за 1.3%, средствата за образование за 0.9%, конфекцијата за домаќинствата и пијалаците во рестораните и хотелите за 0.4%.
Пораст на индексот на трошоците на животот во ноември 2013 година, во споредба со претходниот месец е забележан кај зеленчукот за 1.7%, преработките од млеко за 0.8%, преработките од месо и алкохолните пијалаци за 0.4%, преработките од зеленчук, сушеното овошје и свежото и киселото млеко за 0.3%.
Исто така, пораст на индексот на трошоците на животот е забележан и кај електричните апарати за домаќинствата за 1.0%, средствата за хигиена за 0.8% и течните горива и гасот за домаќинствата за 0.2%.
Индексот на цените на мало во ноември 2013 година, во споредба со ноември 2012 година, бележи пораст од 0.4%, а индексот на трошоците на животот бележи пораст од 1.1%.