Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало во мај 2013 година, во
однос на претходниот месец, изнесува 99.4, а индексот на трошоците на животот 99.8.
Намалување на трошоците на животот од 0.2% во мај 2013 година, во споредба со претходниот месец, е резултат
на пониските индекси на безалкохолните пијалаци за 5.8%, зеленчукот за 2.7%, јајцата за 2.5%, преработките од
зеленчук за 1.4%, мастите за 1.1% и рибата за 0.3%.
Во мај, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива и гасот за
домаќинствата и нафтените деривати за 4.7%, авионскиот превоз на патници за 1.2% и електричните апарати
за домаќинствата за 0.4%.
Пораст на индексот на трошоците на животот во мај 2013 година, во споредба со претходниот месец, е
забележан кај овошјето за 6.4%, преработките од месо за 1.1%, алкохолните пијалаци за 0.9% и преработките
од млеко за 0.6%.
Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај обувките за 2.3%, средствата за
хигиена и пијалаците во рестораните и хотелите за 0.7%, лековите за 0.5% и храната во рестораните и хотелите
за 0.4%.
Индексот на цените на мало во мај 2013 година, во споредба со мај 2012 година, бележи пораст од 0.9%, а
индексот на трошоците на животот бележи пораст од 3.4%.