Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, добиени од годишните сметки на деловните субјекти и од други извори, бруто-домашниот производ во 2018 година изнесува 660 878 милиони денари и во однос на 2017 година е номинално зголемен за 6.9 %.
Реалната стапка на раст на БДП во 2018, во однос на 2017 година, изнесува 2.9 %. Најголемо учество на додадената вредност со 19.9 % во структурата на БДП, во 2018 година, имаат секторите: Е, Ж и З – Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна.
Финалната потрошувачка во 2018 година, во однос на 2017 година, номинално расте за 5.0 %, а во структурата на БДП учествува со 80.1 %.
Учеството на извозот на стоки и на услуги во структурата на БДП во 2018 година изнесува 60.4 %.
Вредноста на инвестициите во основни средства во 2018 година изнесува 132 387 милиони денари.
Во техничката структура на инвестициите во основни средства, градежните работи учествуваат со 57.4 %, машините и опремата со 33.5 %, а останатите инвестиции со 9.1 %.