Почитувани корисници,
Пред вас е деветтото издание на публикацијата за животната средина, со збогатена содржина.
Како редовно издание на Државниот завод за статистика, публикацијата се објавува на секои две години.
Основна функција на статистиката е преку статистички податоци да даде приказ на економските, социјалните
и демографските појави во една држава.
Статистиката за животната средина со која располага Државниот завод за статистика опфаќа само определен
сет индикатори. Со цел да се добие посеопфатна слика за состојбите со животната средина во Република
Северна Македонија, Државниот завод за статистика, во соработка со Министерството за животна средина и
просторно планирање, го подготви ова деветто издание на публикацијата за животната средина.
Публикацијата содржи голем сет индикатори за животната средина кои се расположливи во овие и во други
институции во Република Северна Македонија и со кои се прикажуваат квалитетот на медиумите на животната
средина (вода, воздух, почва), еколошките проблеми (осиромашување на озонскиот слој и климатските
промени, заштитата на животната средина и губењето на биолошката разновидност, создавањето отпад
и управувањето со него) и креирањето на секторските политики (индикатори поврзани со земјоделството,
шумарството, туризмот и инструментите на политиката за заштита на животната средина).
Во иднина, Државниот завод за статистика планира да го прошири опфатот на статистичките индикатори за
животната средина, со цел да се произведе извештај/слика на состојбата на животната средина, презентирана
со квантитативни податоци добиени од научно засновани мерења и анализи што упатуваат на изворите,
причините, последиците и трендовите на конкретните состојби.
Сите ваши предлози, сугестии и забелешки во насока на подобрување на квалитетот на изданието ќе бидат
прифатени со задоволство.