1. Цел и значење на истражувањето
Иновативноста е клучна за подобрувањата на животниот стандард и може да влијае врз поединци, институции, цели економски сектори и земји на повеќе начини. Соодветното мерење на иновациите и употребата на податоци за иновации во истражувањата може да им помогнат на креаторите на политики подобро да ги разберат економските и социјалните промени, да го проценат придонесот (позитивно или негативно) на иновациите во социјалните и економските цели и да ги следат и оценуваат ефективноста и ефикасноста на нивните политики.
Во ова упатство се објаснуваат методолошките основи и инструменти за спроведување на статистистичкото истражување за иновации и иновациски активности на деловните субјекти.
Со цел да се обезбеди меѓународна споредливост на податоците, применет е стандардниот прашалник за прибирање на податоците (развиен од Евростат и ОЕЦД). Методолошки концепт како основа за спроведување на статистичкото истражување за иновации и иновациски активности на деловните субјекти е Прирачникот од Осло (Oslo Manuel), 2018 година, (четврто издание), а методологијата е хармонизирана со меѓународните дефиниции, класификации и номенклатури во согласност со Регулативата бр. 995/2012 на Европската комисија.
2. Законска основа
Статистичкото истражување за иновациите и иновациските активности на деловните субјекти се спроведува во согласност со Законот за државната статистика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/ 97, 21/07, 51/11, 104/13, 42/14, 192/15 27/16 и 38/18) и Петгодишната програма за работа на ДЗС, 2018 − 2022 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/ 13, 24/14, 13/15 и 7/16 22/18 и 224/18).
3. Извештајни единици
Извештајни единици во статистичкото истражување за иновации се економски активните деловни субјекти, избрани по пат на репрезентативен стратификуван примерок од Статистичкиот деловен регистар.
Извештајни единици кои се вклучени во истражувањето се деловни субјекти со најмалку 10 вработени лица и според Националната класификација на дејностите (НКД, рев. 2) се распоредени во секторите Б, В, Г, Д, Ж, Ѕ, И и во одделите 46, 71, 72 и 73.
4. Прибирање на податоците (време, период и метод на спроведување на истражување
Статистичкото истражување за иновативни деловни субјекти се спроведува за референтен тригодишен период што ѝ претходи на годината во која се спроведува.
Истражувањето за прв пат е спроведено во 2013 година за референтниот период 2010 – 2012 година и оттогаш се спроведува како редовно двегодишно истражување.
5. Дефиниции и други објаснувања
5.1. Поим за иновации
Иновација претставува нов или подобрен производ или процес (или комбинација од двете) што значително се разликува од претходните производи или процеси на претпријатието и им е достапен на потенцијалните корисници (како производ) или претпријатието го употребува (како процес).
Иновативни претпријатија се сите претпријатија што во периодот на набљудување имаат воведено иновација на производ и/или деловен процес и/или имаат некоја незавршена и/или неуспешна иновациска активност.
Иновациската активност ги вклучува сите развојни, финансиски и комерцијални активности преземени од претпријатието со цел да резултираат во иновација.
5.2. Видови иновации
1. Иновација на производ (стоки и услуги)
2. Иновација на деловен процес
1. Иновација на производ е нова или подобрена стока или услуга што значително се разликува од претходните стоки или услуги произведени од претпријатието и која е веќе воведена на пазарот. Вклучени се значителни промени во дизајнот на производот или воведени се дигитални стоки и услуги. Исклучени се препородажбата на нови производи или малите промени во изгледот на производите.
2. Иновација на деловен процес е нов или подобрен деловен процес во работењето на претријатието, за една или за повеќе функции, и притоа значително се разликува од претходните деловни процеси на претпријатието и веќе е во употреба.