Архива на методолошко објаснување за соопштението:
Користење на информатичко-комуникациски технологии во деловните субјекти
Состојба:
10.10.2014
Цел на статистичкото истражување Статистичкото истражување ИКТ.1 е годишно истражување за употребата на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) во деловните субјекти. Со истражувањето се добиваат податоци кои се однесуваат на користењето на ИКТ во тековната (референтната) година, на пример, дали деловните субјекти употребуваат компјутер, дали имаат пристап до интернет, кои се типовите на интернетската конекција, имаат ли веб-страница, дали споделуваат информации електронски и автоматски со други надворешни субјекти надвор од деловниот субјект и внатре во рамките на деловниот субјект, додека дел од податоците се однесуваат за претходната година, како што се податоците за е-трговијата и користењето услуги на е-влада. Резултатите од ова истражување и резултатите од други истражувања од оваа област ќе придонесат за одредување на степенот на развој на информатичкото општество во нашата земја.
Единици на посматрање Единици на посматрање се деловните субјекти регистрирани на територијата на Република Македонија чија главна дејност е во следните дејности според Националната класификација на дејностите (НКД Рев.2), по оддели, групи или класи:
10-33: Преработувачка индустрија (производство на прехранбени производи, текстил, производи од дрво, тутун, хартија, печатење; производство на кокс и рафинирани нафтени производи, хемиски, фармацевтски производи, производи од гума и пластика, производство на други неметални минерални производи; производство на метали и метални производи, производство на компјутерски, електронски и оптички производи, електрична опрема, машини и уреди, и останата производствена индустрија); 35-39: Снабдување со електрична енергија, гас, вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината; 41-43: Градежништво; 45-47: Трговија, поправка на моторни возила и моторцикли; 49-53: Транспорт и складирање; 55: Сместување; 56: Услуги поврзани со храна и пијалаци; 58-63: Информации и комуникации; 68: Дејности во врска со недвижен имот; 69-74: Стручни, научни и технички дејности; 77-82: Административни и помошни дејности. Финансиски и осигурителни активности: 64.19, 64.92: Друго монетарно и друго кредитно посредување; 65.1, 65.2: Осигурување и реосигурување; 66.12, 66.19: Посредување во работењето со хартии од вредност и стокови договори; Останати помошни дејности кај финансиските услуги, освен осигурување и пензиски фондови.
Посебно ги прикажуваме податоците за ИКТ секторот кој ги опфаќа претпријатијата регистрирани во следните дејности: 26.1: Производство на електронски составни компоненти и електронски плочи, 26.2: Производство на компјутери и периферна опрема, 26.3: Производство на опрема за комуникација, 26.4: Производство на електроника за широка потрошувачка, 26.8: Производство на магнетни и оптички медиум, 46.5: Трговија на големо со информатичка и комуникациска опрема, 58.2: Издавање на софтвер, 61: Телекомуникации, 62: Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, 63.1: Обработка на податоци, хостирање и слични дејности; интернет-портали 95.1: Поправка на компјутери и опрема за комуникации
Забелешка: Во ова истражување, од 2011 година почна да се применува НКД Рев.2 наместо НКД Рев.1.1. Во 2010 година во истражувањето беа применувани и двете класификации, НКД Рев.1.1 и НКД Рев.2, и беа додадени дејностите: “Снабдување со електрична енергија, гас, вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината“ и “Поправка на компјутери и опрема за комуникации“. Во истражувањето во 2014 година не беа вклучени деловните субјекти со следните финансиски дејности од НКД Рев.2: 64.19, 64.92, 65.1, 65.2, 66.12 и 66.19.
Според бројот на вработените, деловните субјекти се класифицирани во следниве групи:: Микро: со 1-9 вработени Мали: со 10-49 вработени Средни: со 50-249 вработени Големи: со 250 и повеќе вработени
Забелешка: Во 2012 година, како единици на опсервација беа исклучени деловните субјекти под 10 вработени.
Примерокот е стратифициран случаен примерок. Стратификацијата на примерокот е по групи на дејности и по групи на вработени. Рамката за примерокот е Статистичкиот деловен регистар со состојба на крајот на претходната година. Метод на прибирање податоци Податоците се прибираат со пополнување на прашалник (образец ИКТ.1). Прашалникот до избраните деловните субјекти се испраќа преку пошта во хартиена форма. Прашалниците и основните методи на истражувањето се подготвени според методологијата и препораките на Евростат (Статистичко биро на Европската унија), во согласност со регулативите на Европската унија.
Регулативата на Европскиот парламент и Советот, број 808/2004 (Regulation (EC) no. 808/2004) е рамковна регулатива и основа на која, на годишно ниво, се донесуваат комисиски регулативи во врска со статистиките на Заедницата за информатичкото општество.
Референтен период за повеќето варијабли е јануари во тековната година, а за користење електронска влада и електронска трговија (купување / продавање преку веб-страници или ЕДИ-пораки) референтен период е претходната година.
Пондерирање Прикажаните податоци се оценка на добиените одговори од деловните субјекти. Пондерирањето на добиените одговори од деловните субјекти е направено со Хорвиц-Томсоновиот (HT) естиматор на обратни веројатности, по стратуми, при што се користени статистички процедури на САС.
Дефиниции и други појаснувања
Информатичко - комуникациска технологија (ИКТ) (англ.: ICT- Information and Communications Technology) - Подразбира опрема и програма (хардверска и софтверска) за комуникација со податоци (информации). Средства преку кои се врши размена на информации меѓу два или повеќе субјекти се: радиоприемник, телевизор, фиксен телефон, сателитска антена, компјутер, интернет, електронска пошта, мобилен телефон.
Специјалисти за ИКТ/ИТ имаат способност да специфицираат, дизајнираат, развиваат, инсталираат и одржуваат ИКТ и ИКТ системи.
Интернет (World Wide Web) - Светска мрежа на поврзани компјутери кои се поврзуваат со стандардизиран интернет протокол, при што се овозможува корисниците од различни места да комуницираат и да разменуваат аудиовизуелни информации. Web site - Локација на World Wide Web, идентификувана со веб-адреса. Збир на веб-датотеки на одредена тема, вклучувајќи и почетна влезна страница која се вика Home Page. Екстранет (англ. Extranet) - Безбедна екстензија од интернет која им дозволува на надворешните корисници пристап до некои делови од интранетот на претпријатието. ISDN (англ. Integrated Services Digital Network) - Времена конекција со интернет, дизајнирана да овозможува дигитална трансмисија на глас, слика и податоци преку вообичаена телефонска бакарна жица која е со поголем квалитет и брзина (до 128 кбит/с) од аналогната. DSL технологиите како: ADSL, HDSL, SDSL, VDSL итн. xDSL - (англ. Digital Subscriber Line) се дизајнирани за да ја зголемат брзината на преносот на податоците користејќи ги стандардните бакарни телефонски линии. UMTS (Universal Mobile Telecommunications System) - UMTS е трета технолошка генерација. Ја поддржува брзината на трансмисија на податоци до 2 Mbps и може да пренесе глас, текст и видеоподатоци. UMTS е широкопојасна технологија употребувајќи комутација на пакети. GSM (Global System for Mobile Communication) - Глобално прифатен стандард за дигитална целуларна комуникација.
Широкопојасен пристап на интернет - подразбира брза трансмисија на податоци (на пример, филмови, игри, видео-конференции) преку интернет-мрежа, овозможена од технологии или конекции, како што се: xDSL технологиите (ADSL, VDSL), кабелска конекција, оптичка конекција, изнајмени линии, UMTS. Мобилна широкопојасна конекција на интернет - разни типови на безжичен високобрзински интернет-пристап преку пренослив модем, телефон или друго средство, употребувајќи најмалку 3G технологија (пр., UMTS, CDMA2000 1xEVDO, HSDPA).
Електронски пренос на податоци соодветен за автоматско процесирање подразбира: праќање и/или примање на пораки (на пр.: нарачки, фактури, платежни трансакции, каталози, ценовници, транспортни документи, даночни декларации) во договорен или стандарден формат кој овозможува нивно автоматско процесирање (на пр.: EDI, EDIFACT, ODETTE, TRADACOMS, XML , xCBL, cXML, ebXML), до/од други деловни субјекти, јавната администрација или финансиски институции, преку која било компјутерска мрежа (интернет или др.), без индивидуалните пораки (преку е-пошта) напишани рачно.
Автоматско споделување на информации во рамките на деловниот субјект - Електронското и автоматското споделување на податоци помеѓу различните функционални целини на деловниот субјект подразбира кое било од следново: користење единствена софтверска апликација за поддршка на различни функции на претпријатието (на пр., ЕРП софтвер); поврзаност помеѓу софтверските апликации кои поддржуваат различни функции на претпријатието; користење на заедничка база на податоци, т.е. складиште на податоци до кое имаат пристап софтверските апликации кои поддржуваат различни функции на претпријатието; во рамките на претпријатието, електронско праќање или примање на информација која може да биде автоматски процесирана.
EDI (Electronic Data Interchange), EDI-type - Електронска размена на податоци (EDI) - се однесува на пренос на податоци или документи во структурирана форма помеѓу организации или претпријатија со електронски средства (на пр., EDIFACT, UBL, XML). Ова се однесува и на фамилијата стандарди “EDI-type” и на “EDI-type messages” (EDI-тип на пораки) кои можат да бидат обработени автоматски.
Е-трговија - Една е-трговска трансакција е продавање или купување на производи или услуги преку компјутерски мрежи со методи посебно дизајнирани за примање или испраќање нарачки. Производите или услугите се нарачуваат преку овие методи, но нивното плаќање и крајната испорака не мора да бидат онлајн. Една е-трговска трансакција може да биде помеѓу претпријатија, домаќинства, поединци, влада и други јавни или приватни организации. Е-трговијата ги опфаќа нарачките направени на веб-страници, екстранет (Extranet) или EDI, а ги исклучува нарачките направени преку телефон, факс или рачно напишана е-пошта. Видот на трансакцијата се одредува според методот на нарачување.
Е-влада (e-Government) - Се подразбира електронска влада, односно информатизација на владата, државната администрација и јавните установи со што се постигнува подобро задоволување на потребите на граѓаните и деловните субјекти (се исклучуваат контактите преку е-пошта).
Е-тендерирање е фаза во процесот на јавни електронски набавки што се состои од подготовка и поднесување на понуди онлајн. Ова ги вклучува понудите поднесени преку интернет, преку отворени, рестриктивни или преговарачки процедури, како што се рамковните договори и динамичните системи за набавки (DPS). Се исклучуваат понудите поднесени преку е-пошта.
ERP (Enterprise Resource Planning) - Се состои од една или од сет на софтверски апликации кои ги интегрираат информациите и ги процесираат помеѓу неколку деловни функции на претпријатието како што е планирањето, набавките, продажбата, маркетингот, врските со купувачите, финансиите и човечките ресурси. CRM (Customer Relationship Management) - употреба на информатичка технологија за прибирање, интегрирање, обработка и анализирање на информациите кои се однесуваат на потрошувачите (клиентите).
RFID (Radio Frequency Identification) е метод на автоматска идентификација за зачувување и далечинско вчитување на податоци употребувајќи инструменти наречени RFID tag или транспондер. Еден RFID таг е инструмент кој може да се додаде, аплицира на или вгради во еден објект (на пр., производ, лице) и да пренесе податоци преку радиобранови.
Компјутерски услуги во oблак (Cloud computing services) - се однесуваат на ИКТ услуги кои се употребуваат преку интернет за пристап до софтвер, компјутерска процесорска моќ - капацитет за обработка, капацитет за складирање итн., каде штo услугите целосно ги имаат овие карактеристики: - се испорачуваат од сервери на даватели на услугите (провајдери), - можат лесно да се зголемуваат или намалуваат (на пр., број на корисници или промена на капацитетот за складирање), - можат да се употребат по барање на корисникот, во секој случај после иницијалното поставување (без лична интеракција со давателот на услугата), - се плаќаат, или по корисник, според употребениот капацитет, или се однапред платени (припеид). Услугата Облак може да вклучи и конекции преку виртуелни приватни мрежи (VPN- Virtual Private Networks).
|