Методолошко објаснување за соопштението:
Музеи и музејски збирки
Податоците прикажани во ова Соопштение се добиени преку статистичките истражувања за музеи и музејски збирки во Република Македонија кои се спроведуваат со тригодишна периодика.
Со истражувањето се обезбедуваат податоци за состојбата со музеите како што се: број на музеи и збирки, година на основање, видови музеи според основачот, предметот на работа и видот на музејските предмети, број на посетители, простории со кои располагаат музеите, издавачката дејност на музеите и бројот на вработени.
Извештајни единици
Извештајни единици во статистичкото истражување за музеи и музејски збирки се сите музеи, музејски збирки, галерии и други институции (домови на култура, библиотеки) кои се занимаваат со музејска дејност.
Дефиниции
Според Законот за музеите ("Службен весник на РМ" бр. 66/2004), музеј е непрофитна установа од областа на културата. Музеите вршат истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на музејските предмети. Музејот е установа отворена за јавноста која има и едукативна улога да привлекува поширока публика од сите слоеви на општеството и да развива интерактивна комуникација со посетителите, за популаризација на движното културно наследство.
Музејски предмет е музејски материјал кој поради своите вредности, својства, содржини или функции има културно, научно, историско и природно значење и е евидентиран во инвентарна книга на музејот, заради што неговото користење и заштита се наоѓаат под правен режим во согласност со закон. Музејски материјал се археолошки, етнолошки, историски, уметнички и технички предмети, како и палеонтолошки, геолошки, зоолошки и ботанички примероци што се набавени од страна на музејот, заради нивно истражување, средување, стручно и научно обработување, проучување и презентирање, до нивно евидентирање во инвентарната книга на музејот.
Музејски збирки се посебни организациони единици во кои се врши музејска дејност со различни музејски предмети или само со одреден вид на музејски предмети.
Последно ажурирање:
09.02.2011
|