1. Цел и значење на истражувањето
Цел на истражувањето за јавен водовод и канализација (ВОД. 2) е добивање на податоци за снабдување со вода и за количеството на отпадни води.
Со извештајот за јавен водовод се добиваат податоци за зафатено количество вода и преземено количество вода oд други водоводни системи според видот на зафатот, за испорачани количества вода и загуби како и за преработка на водата, водоводната мрежа и уреди.
Со извештајот за јавна канализација се добиваат податоци за количество на отпадни води според местото на настанување, за испуштање на отпадните води и канализациската мрежа.
2. Извештајни единици и начин на прибирање на податоците
Извештајни единици во истражувањето се активните претпријатија кои според Националната класификација на дејностите (НКД Рев.2) се распределени во секторот Д - Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината, групи 36,37. Истражувањето се спроведува со годишна периодика.
3. Дефиниции и други објаснувања
Снабдување со вода во јавен водовод се смета вкупното зафатено количество вода од подземни води, изворски води, водотеци, акумулации и езера како и и количество вода од други водоводни системи.
Зафатено количество вода се вкупни количества зафатена вода од водозафат.
Водозафат се сите каптирани водозафати од каде што се врши снабдување на водоводот со вода како што се подземни води, изворски води, акумулации и езера.
Испорачано количество вода е количество вода која се продава на потрошувачите.
Загуби на вода се утврдени загуби во водоводната мрежа настанати поради дефект или неисправност на инсталацијата на мрежата.
Уреди за преработка на вода се уреди за прочистување. Под резервоари се подразбираат вкопани и надземни резервоари (во форма на кула) кои служат за акумулирање на вода и обезбедување на потребен притисок.
Должина на главен довод е должина на цевката за довод на вода и обезбедување на потребниот притисок.
Должина на разводна мрежа е должина на водоводната мрежа од резервоарот до потрошувачот.
Отпадни води се оние кои после користење се одведуваат до уред за прочистување или се испуштаат во просторот (во подземни или површински води). Во количествата на отпадни води не се вклучени атмосферските како ни проточните води (пр. води кои покренуваат хидроцентрали).
Пречистени отпадни води се оние количества на отпадни води кои во текот на годината се пречистуваат со примамарен (физички и/или хемиски постапки), секундарен (биолошки и/или др. постапки) и терцијарен третман (физичко-хемиски, биолошки и др. постапки) на отпадните води.
Канализациска мрежа е мрежа на затворени улични канали и колектори која служи за одведување на отпадни и атмосферски води (општ систем на канализација) или како посебна мрежа за одведување на отпадни води, а посебно за атмосферски води (сепарациски систем на канализација).
Главен колектор е собирен канал кој одведува води од еден дел или цел град до реципиентот или уредот за пречистување.