Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во октомври 2020 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.1, а индексот на цените на мало изнесува 99.5.
Пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај цигарите за 5.2 %, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 4.2 %, маслото и маснотиите за 3.7 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.9 % и виното за 0.2 %.
Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај обувките за 2.0 %, накитот, часовниците и рачните часовници за 1.6 %, парамедицинските услуги, градините, растенијата и цвеќињата за 1.5.%, гасот за домаќинствата, цврстите горива за 1.4 %, одржувањето и поправките на сопствените превозни средства, информатичката опрема за обработка на податоци за 1.1 %, игрите, играчките и хобијата, услугите за култура за 0.3 %.
Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 4.7 %, рибата и морските плодови за 0.7 %, прехранбените производи, неспомнати на друго место за 0.5 %, месото за 0.4 % и пивото за 0.2 %.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 8.4 %, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 3.0 %, течните горива за домаќинствата за 0.8 %, малите електрични апарати за домаќинствата, моторните возила за 0.6 %, книгите за 0.4 %, текстилот за домаќинството, фризерските салони и центрите за разубавување за 0.3 %, мебелот и покуќнината, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, другите услуги за опрема за сопствен превоз, медиумите за снимање, домашните миленици и сродните производи за 0.2 %.
Индексот на трошоците на животот во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, бележи зголемување од 2.1 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 1.0 %.