Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во јули 2020 година, во однос на претходниот месец, изнесува 99.8, а индексот на цените на мало изнесува 100.9.
Намалување на индексите на трошоците на животот во јули 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук освен компири и други коренести плодови за 21.3 %, свежото и разладеното овошје за 0.7 %, пивото за 0.4 %, жестоките пијалаци за 0.3 %, млекото, минералната вода, газираните пијалаци и соковите од овошје и зеленчук за 0.2 %.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај информатичката опрема за 2.3.%, резервните делови и приборот за сопствени превозни средства за 2.1 %, моторните возила за 1.4 %, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0.9 %, теписите и другите подни покривки за 0.6 %, облеката, големите електрични апарати за домаќинствата за 0.2 %.
Пораст на индексите на трошоците на животот во јули 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај цигарите за 0.6 %, лебот и житата, сувото овошје и јаткастите производи за 0.4 %, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0.3 % , маслото и маснотиите, виното за 0.2 %.
Во јули, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 35.5 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 4.6 %, гасот за домаќинствата за 3.2 %, услугите за рекреација и спорт за 2.1 %, велосипедите за 1.6 %, книгите за 0.9 %, другите услуги за опрема за сопствен превоз, патен патнички транспорт за 0.8 %, другата облека и додатоците за облека, медиумите за снимање за 0.4 %, малите електрични апарати за домаќинствата за 0.3 %, мебелот и покуќнината, другите медицински производи за 0.2 %.
Индексот на трошоците на животот во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи зголемување од 1.3 %, а индексот на цените на мало е на исто ниво како и минатата година.