Архива на методолошко објаснување за соопштението:
Користење на информатичко-комуникациски технологии во домаќинствата и кај поединци
Состојба:
05.11.2015
Цел на статистичкото истражување
Статистичкото истражување ИКТ.3 е годишно истражување за употребата на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) во домаќинствата и кај поеднинците со цел да се добијат информации за достапноста до одредени информатичко-комуникациски технологии (пр., компјутери, мобилни уреди, интернет), честотата и намената на нивното користење, информатичката писменост на населението во Република Македонија.
Единици на посматрање
Единици на посматрање се домаќинствата кои имаат барем еден член на возраст 15-74 години, и избраното лице (поединец), член на тоа домаќинство, кое за време на прибирањето на податоците е на возраст од 15 до 74 години.
Метод на прибирање податоци
Податоците се прибираат со анкета (лице в лице), која се спроведува еднаш годишно на целата територија на Република Македонија, врз база на примерок на домаќинства, по пат на пополнување на прашалник (образец ИКТ.3).
Големината на примерокот е 1995 домаќинства.
Рамката за избор на примерокот на домаќинства се податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2002.
Референтен период - генерално е првото тримесечје од годината, односно периодот од 3 месеци кој претходи на анкетата. Некои податоци (пр., за е-трговија, користење на услуги на е-влада) се однесуваат на последните 12 месеци - период од 12 месеци кој претходи на анкетата.
Прашалниците и основните методи на истражувањето се подготвени според методологијата и препораките на Евростат (Статистичко биро на Европската унија), во согласност со регулативите на Европската унија. Регулативата на Европскиот парламент и Советот, број 808/2004 е рамковна регулатива.
Пондерирање
Податоците во истражувањето се однесуваат на домаќинства и на лица, и тие се пресметани со примена на два пондера: пондер за домаќинства и пондер за лица. Пондерите за домаќинствата се добиени како инверзни вредности на веројатноста на избор, потоа порамнети со неодговорот по стратум. Пондерите за поединците, покрај уточнувањето со стапката на неодговор, се калибрираат со соодветните проекции на население по пол и по шест старосни групи.
Дефиниции и други појаснувања
Информатичко - комуникациска технологија (ИКТ) (англ.: ICT- Information and Communications Technology) - Подразбира опрема и програма (хардвер и софтвер) за комуникација со податоци (информации). на пример, компјутер, интернет, електронска пошта, мобилен телефон.
Компјутерот е повеќенаменска машина. Во истражувањето се опфаќа персоналниот компјутер од кој било вид, пример: десктоп компјутер, пренослив (laptop, notebook) и рачен (PDA, palmtop) компјутер. Се исклучуваат: мобилните телефони, паметните телефони, како и PDA’s телефоните, VCR’s (аудио уред на видеорекордер), ТВ сетови, multi-media players.
|