Цел на статистичкото истражување
Целта на истражувањето Трошоци за заштита на животната средина е да се приберат податоци за услугите поврзани со заштитата на животната средина. Податоците се прибираат според препораките на ЕВРОСТАТ (Сметки во животната средина - како сателитски сметки на националните сметки).
Извори и методи на прибирање на податоците
Податоците прикажани во соопштението се добиени преку статистичкото истражување Трошоци за заштита на животната средина за 2013 година, кое се спроведува со метод на испраќање прашалници (ЗСТ) по пошта.
Правна основа за истражувањето
- Закон за државната статистика („Службен весник на РМ" бр. 54/97, 21/07, 51/11 и 104/13)
- Програма за статистички истражувања 2013-2017 („Службен весник на РМ" 20/13 и 24/14),
- Регулатива (ЕУ) бр. 691/2011 и 538/2014 за сметки во животната средина
Единици на набљудување
Единици на набљудување се деловните субјекти од статистичкиот Деловен регистар кои според НКД Рев. 2 се распределени во соодветни дејности и инвестирале во заштита на животната средина.
Дефиниции
Трошоците за заштита на животната средина претставуваат збир на инвестиции и тековни трошоци за преземање на активности поврзани со заштитата на животната средина.
Инвестиции за заштита на животната средина опфаќаат вложувања кои се однесуваат на активности за заштита на животната средина (методи, технологии, процеси, опрема и нивни делови и сл.) со цел за собирање, третман, следење и контрола, намалување, спречување или отстранување на загадување или каква било друга деградација на животната средина што произлегува од работењето. Инестициите за заштита на животната средина се делат на:
- Инвестиции на крајот на производниот процес (“end-of-pipe“ инвестиции) и
- Инвестиции за превенција на загадување во текот на процесот на производство (инвестиции во интегрирани технологии).
Тековните трошоци за заштита на животната средина опфаќаат трошоци зa работна сила, издатоци за функционирање и одржување на опремата за заштита на животната средина и плаќања на трети лица за услуги за заштита на животната средина со цел за спречување, намалување, третман или отстранување на загадување или каква било друга деградација на животната средина што произлегува од работењето. Инестициите за заштита на животната средина се делат на:
- Тековни издатоци настанати во извештајната единица (интерни тековни издатоци) – функционирање и одржување на опремата за заштита на животната средина (издадтоци за материјал и енергија), трошоци за работна сила (само вработени на заштита на животната средина) и други интерни тековни издатоци (образование, информирање, административни активности поврзани со заштита на животната средина итн.)
- Тековни издатоци платени на трети лица во врска со заштита на животната средина (екстерни тековни издатоци) – плаќања на трети лица (државни институции, јавни претпријатија и специјализирани производители) за услуги за заштита на животната средина – услуги за собирање на отпад, пречистување на отпадни води, надзор од страна на надлежни институции и издатоци за деконтаминирање на земјиште, итн. Исклучени се плаќања на еколошки даноци и казни.
Од тековните издатоци за заштита на животната средина исклучени се издатоци за здравствена заштита и заштита при работа.
Подрачја на активности за заштита на животната средина
Податоците за трошоци за заштита на животната средина се прибираат за различни подрачја на животната средина според Единствената европска статистичка класификација на активности поврзани со заштитата на животната средина (the Single European Statistical Classification of Environmental Protection Activities) (CEPA). Активностите за заштита на животната средина се делат на:
1. Заштита на воздухот и климата
2. Управување со отпадните води
3. Управување со отпадот
4. Заштита и санација на почвата, подземните и површинските води
5. Намалување на бучавата
6. Заштита на биодиверзитетот и природата
7. Истражување и развој
8. Други активности за заштита на животната средина