Skip Navigation Links


  

Европски ден на статистиката „Подобри податоци. Подобар живот.“



Денес (20.10.2016), европското статистичко семејство го одбележува Европскиот ден на статистиката под мотото „Подобри податоци. Подобар живот.“ Значењето на добрите и споредливи статистики е добро познато за целата статистичка зедница и токму затоа, целта на одбележувањето, според зборовите на г.Валтер Радемахер, генерален директор на Евростат, е „зголемување на свесноста на граѓаните во Европа за важноста и вредноста на официјалните статистики за општеството“.
 
Европското статистичко семејство постојано вложува напори за зголемување на обемот и достапноста на статистичките податоци, за подобрување на методологиите и техниките за производство на статистики и за зајакнување на статистичките системи на сите земји во Европа.

Токму затоа, годинава, по повод одбележувањето на овој значаен датум, во Будимпешта се одржува Конференција на Европските статистички стејкхолдери (ESAC) на која учествува и директорот на Државниот завод за статистика, г-ѓа Лидија Костовска. На Конференцијата се собрани голем број производители и корисници на статистички податоци што претставува можност за размена на мислења и искуства во однос на статистичките теми како од аспект на производителите на статистички податоци, така и од аспект на широкиот круг на корисници: креатори на политики, бизнис-корисници, новинари, истражувачи, студенти. Денес, на првиот ден од Конференцијата беше донесена и Декларација за квалитет на Европскиот статистички систем.

И Државниот завод за статистика (ДЗС) се приклучи кон одбележувањето на овој значаен датум со организирање на Караван за статистичка едукација со цел презентирање на значењето на официјалните статистички податоци, произведени од ДЗС и Евростат. Во рамките на овој караван, планирано е да се посетат средни училишта во државата, а овие посети ќе бидат добра можност идните студенти да се информираат колку е важна статистиката во социоекономскиот живот во Македонија и Европа и да се популаризира статистиката помеѓу нив. Исто така, овие презенатции ќе има помогнат да ја разберат статистиката и да научат како да ги користат статистичките податоци.

Караванот започна денес со посета на СУГС „Арсени Јовков“ во Скопје, а во наредните денови ќе бидат посетени и други средни училишта.



Европското статистичко биро, Евростат, по повод одбележувањето на Европскиот ден на статистиката, подготви пригодно видео со кое ја истакнува вредноста и значењето на статистичките податоци во секојдневното живеење.
 






© Државен завод за статистика