+A   |  -A
ппп: 608 | ввв: 169207
Skip Navigation LinksНасловна За Државниот завод за статистика
 
Поважни меѓународни состаноци
 
 
По повод одбележувањето на Европскиот ден на статистиката, 20-21.10.2016 г. во Будимпешта се одржа Конференцијата на европските статистички стејкхолдери (ESAC) на која учествуваше и директорот на Државниот завод за статистика, г-ѓа Лидија Костовска. На Конференцијата учествуваа голем број производители и корисници на статистички податоци што претставуваше можност за размена на мислења и искуства во однос на статистичките теми, како од аспект на производителите на статистички податоци, така и од аспект на широкиот круг на корисници: креатори на политики, бизнис-корисници, новинари, истражувачи, студенти.
 
Статистика Австрија беше домаќин на 102. Конференција на директорите на заводите за статистика, одржана во Виена на 26 и 27 септември 2016 г., на која учествуваа и директорот на Државниот завод за статистика, г-ѓа Лидија Костовска и заменик-директорот, г. Дејан Станков . На Конференцијата се работеше во сесии фокусирани на темата „Статистики за приходите, потрошувачката и благосостојбата” и интерна сесија „Раководење на модерен национален завод за статистика во 21 век”.
 
На покана на директорот на Државниот завод за статистика, г-ѓа Лидија Костовска во заедничка организација со Делегацијата на Европската Унија, на 5.9.2016 година, гостин на Државниот завод за статистика и на другите учесници во Статистичкиот систем на Република Македонија беше г. Питер Евераерс, директор на Директоратот за соработка во Европскиот статистички систем, меѓународна соработка и ресурси при Евростат.
На средбата во Државниот завод за статистика, г. Евераерс имаше разговори со     г-ѓа Лидија Костовска, директор, г. Дејан Станков, заменик-директор и со раководителите на секторите. На средбата се дискутираше за напредокот на македонската официјална статистика во хармонизирањето со статистиката на Европската Унија, како и за идните планови и обврски за натамошното прогресивно интегрирање на Државниот завод за статистика во Европскиот статистички систем со зајакнување на институцијата и на нејзината координативна улога во Националниот статистички систем.
Г. Евераерс, по завршувањето на средбата со претставниците на Заводот, оствари средби и разговори и со: министерот за финансии г. Кирил Миноски, со гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г. Димитар Богов, и вицегувернерот, г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, и со заменик-министерот, г. Тимчо Муцунски од Министерството за информатичко општество и администрација, на кои беше констатирано дека посетата е успешна и соработката продолжува со зголемен интензитет, како и дека Евростат во целост ја поддржува работата на ДЗС.
 
Во заедничка организација на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), Статистичкиот завод на ЕУ – Евростат и Државниот завод за статистика на Република Македонија (ДЗС), на 7 и 8 јули 2016 година во Охрид се одржа Работилница на тема Генерички закон за официјалната статистика. На Работилницата учествуваа високи претставници на статистичките институции од повеќе држави во Европа, Кавказ и Централна Азија, кои заедно со своите домаќини од Државниот завод за статистика дискутираа за содржината на Генеричкиот закон, ги презентираа актуелните решенија во статистичките закони на нивните држави, разменуваа искуства и ја оценуваа потребата од евентуални измени и дополнувања во Генеричкиот закон, односно потребата од измени и дополнувања во националното законодавство за статистиката. Државниот завод за статистика, како домаќин, беше и модератор на една од сесиите, а свое излагање имаше и директорот на ДЗС, г-ѓа Лидија Костовска. На Работилницата зема учество и заменик-директорот на ДЗС, г. Дејан Станков. Претставници на коорганизаторите на Работилницата беа: г-ѓа Андреа Шелер, директор на Канцеларијата за статистика на ЕФТА, г-ѓа Клаудија Јункер, раководител на Одделот за статистичка соработка во Евростат, г. Габриел Гамез, советник во Статистичкиот оддел на Обединетите нации, како и други експерти.
 
Државниот завод за статистика учествуваше на 8. Европска конференција за квалитет во официјалната статистика, што се одржа во Мадрид, 31.05-3.06.2016 г., со презентација на следните два стручни труда:
  • Складиштето на податоци за земјоделски статистика како алатка за стандардизација на обработката на податоците и за унапредување на квалитетот на пресметките на економските сметки во земјоделството, од авторите м-р Дејан Станков и м-р Љупка Тасевска,
  • Методи и алатки за оценка на квалитетот на податоците во ДЗС, од авторот г. Дејан Пеески.
Конференцијата беше организирана од страна на Националниот институт за статистика на Шпанија и Евростат. Ова претставува најважната Конференција во областа на квалитетот на статистичките податоци. Конференцијата имаше за цел да ги опфати релевантните и иновативни теми за квалитетот кои се движат од предизвиците и новата парадигма на квалитетот на податоците за општеството, вклучувајќи ги големите податоци и статистиката од повеќе извори, како и оние поврзани со Визија 2020 на Европскиот статистички систем или научените лекции од партнерските оценувања во Европскиот статистички систем, спроведени во периодот 2013-2015 година. На Конференцијата учествуваа претставници на повеќе од 50 земји, а со Научниот комитет претседаваа генералниот директор на Евростат, Walter Radermacher и претседателот на Националниот институт на Шпанија, Gregorio Izquierdo
 
На 16-17 март 2016 г. во Букурешт, во Националниот статистички институт на Романија се одржа Работилница за модернизација на Европскиот статистички систем, организирана од Евростат. Во текот на Работилницата беа дискутирани различни теми: одржливост, големи податоци, Валидација, интеграција, националните програми за модернизација и дисеминација и корисници. На Работилницата учествуваа околу 98 учесници од 31 земја со повеќе од 34 презентации. На Работилницата учествуваше и директорот на ДЗС, г-ѓа Лидија Костовска.
 
На заедничка покана од Одделението за статистика на Обединети нации, Високиот комесар на Националниот завод за статистика на Народна Република Кина и Претседателот на Владата на покраината Шенси на Република Кина, директорот на Државниот завод за статистика, г-ѓа Лидија Костовска, со презентација во панел дискусијата „Клучни предизвици во следењето на националниот и регионалниот развој“ учествуваше на Конференцијата „Патот на свилата“ и меѓународниот семинар „Светска статистика: Одржливи податоци за одржлив развој“, што се одржаа во периодот 19-22.10.2015 г. во Народна Република Кина. Со оваа Конференција се одбележа втората годишнина на Светскиот ден на статистиката. На Конференцијата се дискутираше за главните предизвици при следењето на развојот на земјите и регионите, предизвиците при следењето и мерењето на социјалниот развој, идната соработка за мерење и следење на социјалниот и економскиот развој на земјите покрај „Патот на свилата“ и сл. На Конференцијата учествуваа заменикот генерален секретар на ООН за економија и статистика, комесарот на Националниот завод за статистика на Кина, г. Wang Baoan, директорот на Одделението за статистика на Обединети нации, Stefan Schweinfest, претставници на статистички институции од 41 земја и 11 меѓународни институции.
 
На последната заедничка сесија на ОНЕКЕ/Евростат за доверливост на статистичките податоци, одржана од 5-7 октомври 2015 година, во Хелсинки, Државниот завод за статистика аплицираше да биде следниот домаќин и коорганизатор на сесијата. Управниот одбор на ОНЕКЕ ја прифати апликацијата и извести дека следната сесија ќе се одржи во Република Македонија. Главна цел на овој состанок е да се информира за новите трендови во заштитата на статистичките податоци, да се разменат искуства помеѓу националните статистички заводи и универзитетите кои спроведуваат статистички истражувања во доменот на заштитата на статистичките податоци, и најдобрите пракси и научените лекции во справувањето со техничките прашања поврзани со доверливоста на статистичките податоци. На состанокот учествуваа претставници на статистички организации на 30 земји, 6 меѓународни институции и голем број на универзитети и институти. Претставници на Заводот беа директорот на ДЗС, г-ѓа Лидија Костовска и заменик-директорот на ДЗС, г. Дејан Станков.
 
 
 
 
 

     

© Државен завод за статистика