+A   |  -A
Skip Navigation Links
Пробен попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, јуни 2019

Државниот завод за статистика забрзано се подготвува за најголемата статистичка операција – Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, што ќе се спроведе следната година, во периодот од 1 до 21 април.

Во рамките на подготовките, во текот на јуни Заводот ќе спроведе Пробен попис во 32 пописни кругови на територијата на 13 општини во државата. Пробен попис ќе се спроведе во Гостивар, Кисела Вода, Зелениково, Штип, Радовиш, Куманово, Свети Николе, Кратово, Прилеп, Долнени, Струга, Кичево и Валандово.

Пробниот попис претставува еден вид на симулација на вистинскиот попис при што Заводот ќе ги тестира сите инструменти потребни за спроведување на пописот, како и организациско-техничките аспекти на пописната операција. Во пробниот попис, вработени на Државниот завод за статистика ќе излезат на терен, односно во избраните пописни кругови, и ќе ги тестираат методолошките и техничките аспекти на попишувањето. Ова во голема мера ќе помогне во откривањето на евентуални тешкотии кои би можеле да се појават во текот на попишувањето и ќе овозможи корекција на сите увидени недостатоци со цел да бидеме целосно подготвени за големата статистичка операција следната година.

Се повикува населението во избраните пописни кругови, со доверба да ги прими попишувачите од Државниот завод за статистика кои ќе имаат овластувања од директорот на Државниот завод за статистика, и со своите одговори да придонесат за што подобра подготовка за големата операција која нè очекува следната година.



© Државен завод за статистика