+A   |  -A
ппп: 8406 | ввв: 622399
Skip Navigation LinksНасловна Статистики по области Методолошки објаснувања

Методолошко објаснување за соопштението:


Индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар


Цели

Индексите на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар ги мерат промените на нивото на цените на производителите на индустриски производи што се произведуваат во Македонија и се продаваат на домашниот пазар.

Класификации и публикување на податоците

Продажните цени на производителите на индустриски производи се прибираат и обработуваат според Националната номенклатура на индустриските производи (ННИП/2015), а индексите се пресметуваат по групи, оддели и сектори од Националната класификација на дејностите (НКД Рев.2).

Индексите на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се публикуваат по сектори и по оддели.

Индексите ги покриваат секторите:
-B/Б (Рударство и вадење на камен),
-C/В (Преработувачка индустрија),
-D/Г (Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација).

Индексите ги покриваат одделите:
-од секторот B/Б одделите 05 (Вадење на јаглен и лигнит) и 08 (Вадење на други руди и камен),
-од секторот C/В сите оддели освен:
19 (Производство на кокс и рафинирани нафтени производи),
26 (Производство на компјутерски, електронски и оптички производи),
30 (Производство на останата опрема за транспорт).
-од секторот D/Г само класата 35.11 (Производство на електрична енергија).

Исто така, се публикуваат индекси кои ја покажуваат динамиката на цените според крајната употреба на производите, класифицирани во четири групи и две подгрупи:
-енергија,
-интермедијарни производи, освен енергија,
-капитални производи,
-производи за широка потрошувачка:
трајни производи,
нетрајни производи.

Прибирање на податоци
Цените кои се основа за пресметување на индексот на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се прибираат со статистичкиот прашалник:
- Месечен извештај за продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар (Ц.дома).

Прашалникот Ц.дома се испраќа до претпријатијата избрани во примерокот на почетокот на годината.
За секое избрано претпријатие се подготвува индивидуален статистички прашалник (образец).
Во прашалниците се вклучени само репрезентативни производи за избраните претпријатија.
Секој избран производ има шифра составена од 10 цифри од ННИП/2015 плус 2 цифри за спецификација на производот, назив на производот, единица мерка и објаснување и подетална спецификација за промените на цената.
Претпријатијата ги пополнуваат податоците за просечните месечни продажни цени за тековниот месец (заклучно со декември 2014 година се пополнуваа податоци за продажните цени на 15-ти во месецот) и ги доставуваат до ДЗС, до 15-ти во месецот, за претходниот месец.
Во примерокот се опфатени:
-во 2015 година 243 претпријатија со 703 специфицирани индустриски производи,
-во 2016 година 255 претпријатија со 710 специфицирани индустриски производи,
-во 2017 година 257 претпријатија со 710 специфицирани индустриски производи,
-во 2018 година 271 претпријатија со 714 специфицирани индустриски производи.

Цени
Продажната цена на производителите на индустриски производи продадени на домашниот пазар
е цената според која производителот ги продава своите производи на редовните купувачи на домашниот пазар, во најголеми количества франко натоварено во вагон (камион) во местото на производителот.
Во оваа цена влегува регресот, ако продавачот, според прописите, го остварува, а од цената се одбива трговскиот рабат и попустот што продавачот му го одобрува на купувачот.
Во цената не се пресметани акциза и ДДВ.

Продажните цени на производителите на индустриски производи од базниот период се основа за споредба на цените од тековниот период.
Цената од базниот период е цената од 2015 година пресметана како аритметичка средина на цените на индустриските производи по месеци.

Пондерирање
За пондерирање се користи реализираната вредност на домашниот пазар за секој производ кај секоја извештајна единица (на најниско ниво од 10 цифри од ННИП/2015 плус 2 цифри од спецификацијата).
Извори на потребните податоци за пондерирање се:
- Годишниот извештај за индустријата (ИНД.21) од 2015 година.
Пондерите се менуваат секоја петта година.


Пресметки

(1) Месечните индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се пресметуваат со користење на Ласперовата формула.


I(t/0) - индекс на оддел, сектор, главна индустриска група и вкупен индекс
P (ti) - цена на производот "i" во тековниот месец
P (oi) - цена на производот "i" во базниот период
W (oi) - пондер на производот "i" во базниот период
n - број на производи

Индексот на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар, на различно ниво според Националната класификација на дејностите (вкупно, по главни индустриски групи, сектори, оддели), се пресметува во два чекора:
- во првиот чекор се пресметуваат индивидуални индекси за секој производ (на најниско ниво од 10 цифри од ННИП/2015 плус 2 цифри од спецификацијата) за секоја индивидуална цена, како однос помеѓу цената од тековниот месец со цената од базниот период,
- во вториот чекор индивидуалните индекси за секој производ се сумираат со пондерирање на повисоко ниво (вкупно, по главни индустриски групи, сектори, оддели), а за пресметка на пондерите се користи реализираната вредност на домашниот пазар од 2015 година.

(2) Покрај месечниот индекс како основен индекс, се пресметуваат и објавуваат следните индекси:
- индекс од тековниот месец во однос на индексот од претходниот месец,
- индекс од тековниот месец во однос на индексот од декември од претходната година,
- индекс од тековниот месец во однос на индексот од истиот месец од претходната година,
- просечен месечен индекс заклучно со тековниот месец во однос на истиот просечен месечен индекс од претходната година.

(3) Исто така, се пресметуваат и агрегирани индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар според НКД Рев.2:
- вкупен индекс,
- индекси за 4 главни индустриски групи и 2 подгрупи,
- индекси за 3 сектори,
- индекси за 24 оддели.

Ребазирање
Ребазирањето претставува прилагодување на податоците (индексите) пресметани со старата базна година на новата базна година.
Индексите на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар, за периодот 2001-2014 година, пресметани со базна година 2010, се прилагодуваат на новата базна година 2015.
Ребазирањето на серијата на податоци пресметани со старата базна година се врши со помош на посебен коефициент кој служи како фактор за ребазирање (Chain factor).
Овој коефициент се пресметува како однос помеѓу просечниот годишен индекс за годината која се користи како нова базна година, пресметан со новата базна година и просечниот годишен индекс за истата година, пресметан со старата базна година.
Секој поединечен месечен индекс пресметан со старата базна година се множи со овој фактор за ребазирање и со тоа се прилагодува (ребазира) на новата базна година.

Публикување

Месечно:
- Соопштение „Индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар“
- Издание „Месечен статистички извештај“
- МАКСтат-База на податоци

Годишно:
- Статистички годишник на РМ

Усогласеност со регулативите на ЕУ
Методологијата за пресметка на индексите на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар е усогласена со „Методологијата за краткорочни деловни статистики” на Евростат, за следниве варијабли:

-311 Продажни цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар.


Последно ажурирање: 09.03.2018

 
Претходни методолошки објаснувањаДатум
Преземи 17.03.2017
Преземи 26.02.2016
Преземи 27.02.2015
Преземи 22.02.2013
Преземи 08.02.2011
  

  Соопштенија
 
 
  Последно соопштение



© Државен завод за статистика