+A   |  -A
ппп: 863 | ввв: 200069
Skip Navigation LinksНасловна Активности

Активности 


Појаснување во однос на прашањата поврзани со статистиките на населението
вторник, 21 март 2017

 

Пописот на населението, становите и домаќинствата претставува најобемна и најкомплексна статистичка операција чијашто подготовка во Државниот завод за статистика (ДЗС) се одвива континуирано. Во низата Пописи спроведени во Република Македонија, секој нареден Попис на населението е покомплексен по својата содржина од претходниот.

Современите пописи се важен статистички извор за:

· прибирање на индивидуални податоци за населението, од најниско географско ниво до ниво на држава;
· значајна основа за современо одлучување и управување на сите нивоа;
· голем фонд на релевантни статистички податоци неопходни за анализа на состојбите и идните планирања на развојот на земјата;
· обезбедување на континуитет и споредливост со резултатите од претходните пописи;
· наследство кое треба да го обезбедиме за сегашните и идните генерации.

Поради својата сериозност и обемност, Пописот бара исклучително внимателно планирање, подготовка, тестирање, анализирање и документирање на секоја фаза. Секоја фаза има и низа потфази и активности, што исто така треба да се добро дефинирани, тестирани и документирани. Затоа, според своето општо значење, Пописот се рангира како активност од висок државен интерес, а неговото спроведување секогаш се регулира со посебен Закон за Попис кој се усвојува од страна на Собранието на Република Македонија. За спроведување на Попис потребна е сестрана и темелна анализа, информирање, создадени услови, но и адекватна поддршка и вклучување на институциите во државата.


Државите-членки на ОН се обврзани на спроведување на Попис на населението и домувањето во согласност со донесените Меѓународни препораки за пописите на население и станови, подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и Евростат. Меѓународните препораки за спроведување на пописите на населението и домувањето, околу 2020 г. (Conference of European Statisticians Recommendation for the 2020 Censuses of Population and Housing -CES) се достапни од јануари 2016 г. и во ДЗС веќе е пристапено кон проучување на можностите за примена на препорачаните главни и споредни белези и изборот на соодветен методолошки пристап.


Во Државниот завод за статистика е воспоставено Одделение за статистика на населението во кое се следат и анализираат состојбите, новините, меѓународните препораки и регулативи и вработените редовно учествуваат на состаноци/работни групи воспоставени во рамките на ОН и Евростат.


Во периодот помеѓу два пописа, ДЗС на годишно ниво продуцира статистички податоци за бројната состојба на населението, по возраст и по пол, на национално, регионално и општинско ниво, преку Процените на населението (состојба на средината и на крајот на годината), кои се усогласени и споредливи со меѓународните норми и стандарди. Во таа насока е и редовното ажурирање на рамката од последниот Попис на населението во 2002 година преку расположливите административни и статистички извори. Дополнително, во овој меѓупописен период, ДЗС спроведува и активност за ажурирање на рамката за избор на примерок, со што се ажурираат примарните и секундарните примерочни единици, а ова ажурирање се користи за анкетните примерочни истражувања од сферата на социјалните статистики. Оваа активност е воспоставена во соработка со Меѓународната организација на трудот.


Оценка на ДЗС е дека во однос на делот на активностите што се во негова надлежност, ДЗС има капацитет, искуство и знаење и е целосно подготвен да одговори на предизвикот за спроведување на најобемната и најкомплексната статистичка операција во согласност со меѓународните препораки и стандарди, кога ќе се создадат неопходните услови за реализација.




© Државен завод за статистика