|
За Државниот завод за статистика
Статистичките информации во денешно време се од суштинско значење за процесот на одлучување во едно општество.
Државниот завод за статистика е стручна и самостојна организација во рамките на државната администрација во Република Македонија. Основни функции на институцијата се прибирање, обработка и дисеминација на статистички податоци за демографските, социјалните и економските појави во македонското општество.
Освен тоа, Државниот завод за статистика е основен носител и координатор на статистичкиот систем на земјата, тој е одговорна институција за меѓународната соработка во областа на статистиката, како и за дефинирање на статистичките методологии и стандарди и за обезбедување заштита на индивидуалните податоци што се прибираат од индивидуални лица и од правни субјекти..
Државниот завод за статистика својата дејност ја реализира во согласност со Законот за државната статистика (1997, 2007, 2011) заедно со другите учесници во статистичкиот систем на државата дефинирани со Програмата за статистички истражувања, 2008-2012 .
Официјалната статистика се продуцира во согласност со принципите за неутралност, стручна независност, објективност, рационалност и заштита на индивидуалните податоци.
Стратешките цели и основните вредности се дефинирани во Стратeгискиот план, 2012-2014 и според овој документ визијата на Државниот завод за статистика е да биде препознаен како институција што обезбедува квалитетни, навремени и меѓународно споредливи статистички податоци.
Државниот завод за статистика е лоциран во Скопје и во институцијата работат 277 лица (состојба: декември 2010). Од 2006 година Државниот завод за статистика го раководи м-р Благица Новковска, која за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија. Со цел исполнување на професионалните предизивици во 2011 беше донесена новата организациска шема на институцијата.
Стручно и советодавно тело на државната статистика е Советот за статистика . Членовите на Советот се именувани од Собранието на Република Македонија.
Државниот завод за статистика со благодарност ќе ги прими мислењата и предлозите ( е- пошта: info@stat.gov.mk) од пријателите на македонската статистика за подобрување на достапноста на статистичките податоци.
|