Директорот на Државниот завод за статистика учесник на семинар за „Статистиката и носењето одлуки базирано на докази“
вторник, 08 мај 2012
На 3 и 4 мај, во Брисел, се одржа семинар на тема „Статистиката и носењето одлуки базирано на докази“. На семинарот учествуваше делегација од Република Македонија предводена од директорот на Државниот завод за статистика, м-р Благица Новковска, и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, м-р Стево Темелковски.
Семинарот беше во заедничка организација на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија и Евростат и на него беа поканети да учествуваат високи претставници на статистичките заводи и на институциите - носители на политики од земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство, кои во своето работење ги користат статистичките податоци, како и претставници на Европската комисија, ОЕЦД и енергетската заедница. Семинарот се фокусираше на: информирање на земјите-партнери за најновата состојба во Европскиот статистички систем и усогласувањето на законодавството на ЕУ за статистика; размена на искуства помеѓу земјите во спроведувањето на барањата на ЕУ за статистика; стимулирање на земјите-партнери за подобрување на квалитетот и за примена на нивните статистики во клучните области од законодавството на ЕУ; промовирање на подобра примена на статистиката во носењето одлуки во процесот на реформа на јавната администрација и промовирање на проекти и идна соработка на полето на статистиката за креирање на политики. .
На семинарот, директорот на Заводот презентираше труд од областа на инклузивниот развој, сиромаштијата и социјалната исклученост. Исто така, и заменик-министерот имаше своја презентација од областа на индикаторите за зелен развој.
 |
|